Сè во овој универзум е енергија. Од ѕвездите на небото до најмалите делчиња во нашето тело — сè вибрира, сè се движи. На најосновно ниво, ние не сме цврста материја, туку вибрирачки честички, исполнети со животна сила.
Секоја мисла што ја мислиме, секое чувство што го доживуваме, има своја фреквенција. Нашето срце чука во ритам, нашиот мозок создава бранови, а дури и планетата Земја вибрира со свој тон.
Кога се усогласуваме со повисоки фреквенции — како што се благодарноста, љубовта, мирот — ние влегуваме во хармонија со самата суштина на животот. Почнуваме да се чувствуваме длабоко поврзани со сè околу нас.
Суштината на животот не се крие само во она што го правиме, туку во тоа како вибрираме. Колку сме свесни за својата енергија? Колку често ја подигнуваме нашата фреквенција преку љубезност, искреност и присуство?
Животот не е само преживување — тој е патување на свест. Патување кон враќање на сопствената автентична вибрација. Во својата длабочина, ти си енергија во движење, уникатна фреквенција во бескрајната симфонија на постоењето.
Мојата мисија е да ја разбудам свеста за невидливите сили што не обединуваат — енергијата, фреквенцијата и суштината на животот.
Мојата цел е да инспирирам другите да живеат во хармонија со својата внатрешна вибрација — затоа што кога ќе ја најдеме својата вистинска фреквенција, ние стануваме моќен канал на љубов, светлина и создавање. Со разбирање на енергетските полиња што не опкружуваат, можеме да ја зголемиме свеста, да го исцелиме телото, и да ја усогласиме душата со повисока цел.
Јас сум тука за да потсетувам: ти си енергија, ти си звук, ти си живот.
И кога ќе се усогласиш со таа вистина, сè станува возможно.
Запознај ме
Моето име е Фросина Трајковска, родена сум 1978г во Скопје, сеуште живеам во мојот роден град и не се разликувам во ништо посебно од вас. Но, морам да ви раскажам неколку работи за мене, за да ви доловам што значи ЕФЕЛ или ако повеќе љубите (јас секако) на македонски ,,ЕФЕЖ – Енергија, фреквенција, есенција на животот“ и како оваа есенција полека влезе во мојот живот. Во текот на детството се соочував со многу потешкотии во растењето, па утеха наоѓав во читањето книги. Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Достоевски, Толстој, Балзак, Радован Павловски беа првите автори во кои се вљубив. Пишаниот збор ми стана најверен другар и за мене претставуваше нешто магично и волшебно. Катедрата за македонска книжевност во комбинација со општа и компаративна книжевност, беа несомнено вистинскиот избор за мене.
Студирањето ми донесе радост и многу нови сознанија за зборот. Во тој период од мојот живот на растење и созревање, додека ги истурав моите емоции и размисли во поетична форма на парче хартија, не сфаќав до крај што всушност е зборот и каква моќ има. После дваесетина години од студиите животот ми донесе нови предизвици и болни моменти за соочување. Во потрагата по решение, Универзумот ме донесе до нешто што се нарекува фреквенција или вибрација.Набавив моќни генератори (апарати) на фреквенции и со нив се обидував да ги решам сите проблеми. Технологијата е чудо во денешно време, но и таа има свои ограничувања. Во еден момент, почнаа да ми се случуваат чудни синхронизации, пришто Универзумот ми ставаше чудни луѓе на патот, кои моето его никогаш не би ги одбрало за пријатели.Реики за мене претставува азбуката, основата, нешто кое не можеш да го прескокнеш и да одиш на повисоки нивоа. По Реики, дојде мојата иницијација во Каруна Ки енергетската техника, потоа во Светлосна Козметологија и последно во Акаша Записите. Навлегувајќи во принципите и начинот на функционирање на енергијата јас всушност повторно се вратив кон мојата прва љубов, зборот. Бидејќи зборот е вибрација, енергија, фреквенција и со тоа есенција на животот. За крај ќе кажам дека мојот омилен збор е БЛАГОДАРАМ. Благодарам е високо вибрантен збор кој искажан од срце во нашиот живот привлекува изобилие, а во нашиот генетски код запишува позитивни информации. Ви благодарам за трпението при читањето на овој текст.